Студенчица со намален капацитет, се заканува ли криза за вода за 200.000 граѓани?
Издашноста на регионалниот водовод „Студенчица“ кој со вода ги снабдува Прилеп, Кичево, М. Брод, Крушево и неколку други помали општини е енормно намалена и изнесува под 600 литри во секунда. Во секој момент може да се појави огромна криза за вода. Од овие количини во зависност од денот во Прилеп стигнуваат само од 135 до 220 литри, што е премалку бидејќи градот дневно троши над 400 литри во секунда. Прилепски Водовод прави максимални напори со бунарска вода градот да нема рестрикции.
„Навечер кога потрошувачката е намалена, граѓаните спијат, собираме вода во коморите за напојување со вода на ниската зона на градот. Додека високата зона на градот се напојува преку кружницата, тоа е цевка со големина на дијаметар Ф 400. Исклучиво преку денот целата количина на вода која доаѓа од „Студенчица“ ја пренасочуваме во високата зона на градот“, истакна Емил Јанески, директор на ЈКП „Водовод и Канализација“ Прилеп.
Прилеп има околу 25 бунари од кои може да се добие околу 200 литри вода во секунда, а моментално се добива околу 60. Дополнителни 22 литри се добиваат од старите градски извори.
„Ја ставивме во употреба бунарската постројка Кешовица-Орушица, а во овој момент ја приклучуваме и бунарската постројка Бегова Ливада. Во исто време се прават припреми за приклучување и ставање во употреба на бунарската постројка Кошарка“, додаде Јанески.
Од „Водовод“ апелираат граѓаните максимално да ја штедат водата и ветуваат дека барем засега нема да има рестрикции. Но ако продолжи сушното време никој неможе да предвиди што ќе се случува во иднина со регионот каде има околу 200.000 жители и дали може да се случи вистинска катастрофа.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар
