Ученици во натпревар за приготвување традиционална храна во Крушево
„Taste Krusevo“ или „Вкуси го Крушево“ е насловот на фестивалот кој за прв пат се организираше годинава во Крушево. На него учествуваа 30-тина ученици од 8 средни угостителски училишта од Македонија и едно училиште од Лесковац, соседна Србија, кои се натпреваруваа во приготвување на традиционален „Крушевски чомлек“, но и секое училиште презентираше по еден специјалитет карактеристичен за нивниот регион.
„Доаѓаме од Скопје, од средното училиште „Лззар Танев“, досега го немам приготвувано ова јадење, ова ми е прв пат, но се надевам дека ќе испадне многу убаво“, вели Павел Јанев, СОУ „Лазар Танев“ Скопје.
За учесниците како од Македонија така и од Србија овие настани и фестивали се одлична можност за размена на искуства и одлична дружба.
„За прв пат сум тука во Крушево, за прв пат ќе го подготвуваме ова јадење „Крушевски чомлек“. Ова е доста интересен настан, ние ги подготвуваме нивните јадења, тие ги учат нашите. Синоќа се претставивме со Лесковачка скара, т.н. Лесковачки воз“, рече Лазар Илиќ, ученик од угостителското училиште од Лесковац, Србија.
„Се запознаваме со нови култури и со нови начини на готвење. Тоа е големо искуство за нас“, кажа Милош Ѓорѓевиќ, професор на угостителското училиште од Лесковац, Србија.
Приготвените чомлеци учениците ги презентираа во центарот на градот, а откако беа оценети истите имаа можност да ги вкусат и присутните гости и туристи.
„Овој фестивал значи многу за децата, што повеќе знаење и дружба, овој фестивал треба да остане традиционален“, изјави Оливера Карева Скола, СОУ „Наум Наумоски Борче“ – Крушево.
„Целта на оовј фестивал е прво промоција на Крушево, промоција на традиционалната храна на Крушево“, потенцираше Љупче Крстевски, професор во СОУ „Наум Наумоски Борче“ – Крушево.
Младите се повеќе се интересирале за гастрономијата поради нејзините перспективи во странство.
„Се повеќе младите готвачи замиинуваат во странство, подобра е иднината во странство отколку тука, нажалост“, вели Христијан Јорданоски, шеф на кујна.
Гостите беа запознаени со крушевската историја и култура, Фестивалот го организираше средното угостителско училиште, а го поддржаа пштина Крушево, локалниот младински совет и угостителските објекти во градот.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар
