Македонија
30. January 2020 - 16:55

Термалните камери скенирале над 2.000 патници, нема сомнителни случаи

Од понеделникот во земјава нема пристигнато ниту еден патник од Кина. За овие 4 дена на термалната камера која регистрира покачена температура поминале над 2000 лица кои пристигнале на скопскиот аеродром со летовите од Дубаи и Истанбул, но кај ниту еден не се регистрирани симптоми карактеристични за корона вирусот. Сомнителни патници немаше ниту на денешните летови.

-Досега екипите на Центарот за јавно здравје не забележале ни една индикација, односно ни еден сомнителен патник, и се надеваме дека ќе нема нешто посериозно“, рече Арбен Зибери, директорот на Центарот за јавно задравје – Скопје.

Здравствените власти уверуваат дека земјава е подготвена за справување со смртоносниот корона вирус и се преземаат сите потребни превентивни мерки.

Од друга страна во последното истражување Глобалниот индекс на здравствена безбедност ја рангира државата на 90-тото место во светот за подготвеноста со справување на епидемии. На мапата Македонија е последна во регионот. Но, министерот Филипче смета дека тоа не е така, земјава одлично се справила со епидемијата на морбили.

-Ја запревме за шест месеци и имавме само 4 смртни случаи. На другите земји кои наводно се подобри им требаше подолг перидод и имаа и до 100 смртни случаи“, рече д-р Венко Филипче, министер за здравство.

Доколку има патници што доаѓаат од Кина но немаат никакви симптоми, се упатуваат на домашен мониторинг во период од две недели колку што траре инкубацијата и ќе добијат телефони на кои може да се јавуваат кај лекарите од овие институции, за да не бараат здравствена помош по другите здравсетвени установи, и така да се спречи евентуално ширењето на заразата“, рече Филипче.

Во февруари се очекува во земјава да пристигнат 50-тина кинески работници, а според здравствените власти сите ќе поминат на задолжителната превентивна контрола и ќе бидат под мониторинг две недели колку што трае инкубацијата на корона вирусот.