Преговори има, но никој не открива кој ќе ја формира новата Влада - албанските партии во кавга
Превирања во албанскиот блок откако станува се понеизвесно која од македонските партии ќе го состави новото парламентарно мнозинство, но и која албанска партија ќе ја одбере за свој партнер во Владата. Освен СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, малата разлика во освоените пратенички мандати, ги отвори и апетитите и на ДУИ и на колицијата на Алијанса и Алтернатива.
И двата албански табори се сметаат за победници. ДУИ вели дека со 15 пратеници тие се единствен легитимен претставник на Албанците. Села и Гаши пак, велат дека тие се морални победници бидејќи интегративците им украле гласови со полнење на кутии.
По вчерашниот Марш за демократија на Алијанса и Алтернатива, со фејсбук статуси реагираа високите партиски функционери на ДУИ, Бујар Османи и Крешник Бектеши за кои маршот бил срам за Албанците.
„Ако немаш срам прави што сакаш. Но, да го етикетираш својот народ пред светот само за да побегнеш од одговорноста за неуспехот, е плафонот на срамот на ова тинејџерска политика. Во услови кога ниту еден нивен претставник или пак, на невладини организации или ОБСЕ/ОДИХР не констатирале ниту една забелешка во овој изборен процес, срамно е да протестираш против народот кој не те гласал“, напиша Османи.
Претходно, пак, неговата предлог платформа за две албански листи, од кои онаа што ќе победи да биде единствената што ќе може да влезе во Влада, беше отфрлена токму од Села.
Но и ДУИ и Алијансата со Алтернатива молчат дали со Заев или со Мицкоски се влезени во разговори за владин кабинет.
Од друга страна, конститутивната седница на Собранието од која зависат и роковите за формирање на Влада се позивесно е дека ќе се одржи на 5ти август со самосвикување од народните избраници. Досегашниот собраниски спикер има рок до 4ти август да ја свика седницата, но тој е на лекување во Инфективната клиника иако од неговиот кабиент велат дека неговите тестови на коронавирус се негативни.
„Здравствената состојба на претседателот на Собранието г-дин Талат Џафери е стабилна. Со оглед на интензивните активности што ги имаше во текот на изборната кампања, по препорака на лекарите неопходен му е одмор и мирување“, велат од кабиентот на Џафери.
Од таму неофцијално велат дека се е подготвено за седницата и дека ќе се испочитуваат сите рокови. Поради здравствените протколи седницата, наместо во салата Македонија“ ќе се одржи во големата купола.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
