Македонија
31. July 2020 - 16:46

Преговорите за Влада неформално ќе продолжат и за празниците

Конститутивната седница на Собранието закажана  во вторник ќе биде првиот показател дали веќе има договорена соработка, како меѓу СДСМ и ДУИ,така и меѓу ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса и Алтернатива и Левица, коментираат партиски извори.

По коментарите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски  дека возможни се нови избори во случај да нема договор за Владата,  од СДСМ негираат дека тоа е реално сценарио. Носителот на 2 Изборна едница Оливер Спасовски коментираше дека изборите веќе поминале и на нив има јасен победник.

На ова пак, возврати потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мисјаловски. На својот Фејсбук профил тој напиша:

„Што се однесува до формирањето на нова Влада и неговото тврдење дека залудно се чекале нови избори, добро е, доколку еве толку е уверен дека СДСМ ќе ја формира владата, да видиме кој е составот на таа влада, чиво ќе биде премиерското место и чуму толку нервоза доколку работите им одат “подмачкано” или да не биде работата кажана низ призмата на еден од нивните потпретседатели “гладна кокошка просо сонува”, тоа допрва ќе видиме“.

Од ДУИ вчера коментираа дека треба да биде испочитуван принципот Владата да ја формира победник со победник. Ротационото премиерско место во формат 3+1 заедно со СДСМ со тоа што ДУИ ќе добие премиер една година засега не е разговарано во партијата тврди Бујар Османи. Од Алијансата и Алтернатива засега негираат дека се во какви било разговори со некоја од поголемите партии.

Претседателот Стево Пендаровски пак,во интервју порача дека е подготвен, ако има договор, мандатот за формирање на влада да го додели и пред да заврши уставно определениот рок од 10 дена. За тоа кој би ја составувал новата влада, Пендаровски вели дека сите комбинации се можни, па дури и тоа во владата да ја нема ни прворангираната партија, или пак, второ рангираната или треторангираната. При тоа шефот на државата апелира сите министри да имаат проевропска ориентација, но и да немаат ниту една афера зад себе.