Македонија
26. August 2020 - 19:58

Учебната година „ќе доцни“- наместо на 1. септември ќе започне на 1. октомври

Со маски на лицата, дезинфекција на рацете и обувките и растојание од 1,5 метар, децата од 1 до 3 одделение ќе тргнат на училиште. Владата ги усвои протоколите за физичка настава во основно и средно. Во одделенијата ќе има најмногу до 20 ученици. Ако има поголем број деца во класот ќе бидат поделени во групи и затоа наставата ќе се одвива од 7 до 20 часот. Вработените и децата при влез во училиштето не смеат да имаат температура поголема од 37 степени. Родителот е должен пред да го однесе детето на училиште да му измери температура. Ако има било какви симптоми да го извести класниот раководител. Никој не смее да влегува во училишната зграда. Дежурен наставник ќе контролира дали се почитуваат мерките во ходниците. Нема да има мешање на деца од  други класови, ниту родителски средби. Со класните ќе контактираат онлајн. Децата храна ќе си носат од дома, а ќе јадат во училница.  Во тоалет треба да одат еден по еден. Ако некој ученик развие симптоми на Ковид-19 додека е во училиште треба да биде изолиран во посебна просторија и да се информира Центарот за јавно здравје.

Учебната година наместо на 1. септември ќе почне на 1. октомври. На денешната седница Владата го задолжила Министерството за образование и наука да го промени календарот за учебната 2020/2021. Ова го најави и мандатарот Зоран Заев.

- Се остава време за да се земат предвид сите аспекти на оваа, како што рече, комплексна проблематика, како подготовка на онлајн-платформата, безбедносните протоколи за децата, прашањето за чување на децата до 10 години итн., и тие ќе бидат на дневен ред на првата сеница на новата Влада, изјави мандатарот Зоран Заев.

Покрај пролонгирање на учебната година со законски измени треба да се утврди и времетраењето на часовите и одморите за време на наставата.

За барањето на некои општини кои имаат помал број на ученици и стабилна епидемиолошка состојба сите деца да почнат со настава од училишните клупи, Владата одлучила за ова да проценува и да даде мислење посебна работна група составена од претставници од Министерството за образование, здравство и од кабинетот на Премиерот.