Македонија
24. October 2026 - 16:45

Прилеп е избран за регионален лидер во Западен Балкан за селекцијата на отпад

На саемот „Циркуларната економија во земјите на Западен Балкан, ЕКПО 2026“ кој што се одржа во Приштина Прилеп е избран за регионален лидер во селекцијата на отпадот.

Процесот на примарна селекција на отпадот во домаќинствата во Прилеп започна во 2008 година, а денес градот е непорикосновен лидер во овој дел и селектира повеќе отпад од сите градови здружени заедно вклучувајќи го и Скопје.

„Во завршна фаза ни се подготовките, односно,заокружување на градежните активности околу фабриката за секундарна селекција на отпадот која би имала капацитет од 10 тони на час и со тоа, конечно, да заокружиме еден процес на селекција на отпадот. Во фаза сме на договори со компанијата што го гради автопатот Прилеп-Битола, „Бехтел и Енка“, за да ја рекултивираме депонијата која постои кај Алинци“, потенцираше Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.

Циркуларната економија има огромно значење за заштита на животната средина.

„Циркуларната економија за заштита на животната средина значи дека количествата отпад кои се создаваат нема да завршуваат на депониите,туку повторно ќе бидат употребени за намената за која биле произведени и искористени за повторно производство на производи од таков тип, или, пак, искористени за производство на енергија која ќе придонесе за да се намали искористеноста на природните извори на енергија“, истакна Цветанка Николоска, инспектор за животна средина на Општина Прилеп.

На саемот учествуваа голем број компании од Западен Балкан кои се занимаваат со циркуларна економија.

„Го употребуваме текстилниот отпад како полнење за производство на перници, перници за седење „Лејзи бег“, перници за миленичиња, украсни перници, детска гардероба и сѐ што може да се направи ново од текстилниот отпад. Овие производи можеда најдат пазар, но како и за секој производ, треба да бидете конкурентни и со цената, но и да понудите и додадена вредност, зашто овие производи се еколошки“, изјави Борис Шаркоски, Фондација за развој на локалната заедница – Штип.

„Она што е наше дополнително искуство е дека со идеите и капацитетите кои ги имаме, можеме ртамноправно да придонесеме на европско ниво.Ние сме координатори на некои од европските проекти“, вели Ангелина Танева Вешоска, директорка на Институтот за истражување, животна средина, градежништво и енергетика.

„Во минатото на Балканот ние сме го практикувале концептот на циркуларна економија без да сме свесни за тоа. Во организациска смисла поткрепено со закони ние сега почнува со овој концепт“, Урим Џаравина, извршен директор на „Зелена обнова, Приштина.

Циркуларната економија во иднина се повеќе ќе биде дел од нашето стопанство, процес на кој треба полека да се прилагодуваат сите држави од регионот.