Македонија
14. September 2020 - 17:04

Хронично болните се борат да останат дома

Хронично болни бараат Владата да ја преиспита одлуката за нивно враќање на работа. Стравувајќи за нивните животи преку писмо и петиција до Кризниот штаб прашуваат како изминатите 6 месеци вклучително и летниот период се воделе како ризична категорија, а сега кога доаѓаат настинките , сезонскиот грип и се најавува ново ширење на корона вирусот повеќе не се во ризик.

-Посебно кај астматичарите и пациентите со ХООБ. Тие состојбата ја држат под контрола со лекарства и спрејови, но не можете да ги контролирате максимално. За време на прегледот можеби состојбата била под контрола, но никој не гарантира кога нашата состојба може да се влоши. Со самото ова доаѓа до една состојба каде ние сме немоќни, изјави за сител пациентка која долги години живее со астма.

Во писмото од граѓанската иницијатива посочуваат и дека повеќе хронично болни биле повикани од претпоставените уште денес да се вратат на работа како што беше првичната одлука иако рокот беше пролонгиран до 23 септември. Дополнителен проблем според нив е што нема термини во септември за преглед на специјалист.

-Ова е многу краток рок за обезбедување термини за прегледи кај Специјалистите затоа што термини реално нема или има за месец октомври, вели паџиентката која е дел од граѓанската иницијатива.

Од министертсвото за здравство велат дека нема да отстапат од одлуката и остануваат на ставот специјалистите да проценат кој треба да оди на работа, а кој е во ризик да остане дома.

-Преку Мој Термин се обезбедени дополнителни термини за оние специјалности за кои Министерството сметаше дека ќе бидат најпобарувани и тоа: пулмологија, кардиологија и интерна медицина, но термини има и за сите останати специјалности. Имено, напоменуваме дека мерките за ослободување важат само за пациенти со влошена здравствена состојба. Очекувано е дека пациентите кои имале влошена здравствена состојба веќе се и прегледани од специјалист од соодветната област, велат од министерството за здравство

Од министерството додаваат дека сите кои нема да обезбедат потврди до идната среда ќе има ново пролонгирање на рокот за враќање на работа.