Македонија
6. October 2020 - 21:25

Вакцини против сезонски грип на крајот од месецов, порано од лани, но подоцна од соседите

Наместо традиционално на средината на октомври, вакцинацијата против сезонски грип ќе почне најрано на крајот на месецот. И покрај најавите дека се ќе набави поголема количина вакцини, за да се избегне судирот со коронавирусот министерството за здравство нарачало 40.000 дози  кои ќе бидат беспплатни и дополнителни 4.000 за комерцијална употреба.

На товар на државата со четиривалентна вакцина ќе можат да се имунизираат лицата над 65 години, оние кои имаат хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и децата од 6 месеци до 5 години. Но, досега матичните лекари не добиле термини за почнат да ги закажуваат заинтересираните пациенти, ниту пак упатства како ќе се реализира целиот процес во време на пандемијата на Ковид-19. За разлика од Македонија, во соседството, пред се во соседна Србија на 1 месецов веќе почна имунизацијата на населението од оваа сезонско заболување.

СЗО препорачува секоја година 40 проценти од населението да се вакцинира против инфлуенца, но според епидемиолозите во земјава се заштитуваат едвај 5 отсто. Професорот Драган Даниловски смета дека поради коронавирусот годинава пожелно е граѓаните што помасовно да се имунизираат против грип, за во случај на респираторни симптоми да се исклучи ова заболување.

-Затоа пожелно е што помасовно вакцинирање против сезонски грип, барем да се исклучи ова заболување кога има респираторни симптоми., изјави за Сител проф. д-р Драган Даниловски, професор по епидемиологија.

Инаку лани министерството за здравство набави 28.000 бесплатни вакцини против грип за ризичните категории. За една недела речиси сите се потрошија, а дополнително уште 15.000 граѓани си платија за да се заштитат. Иста количина на располагање има и годинава, а имаме два вируси со слични симптоми.