Македонија

Нов протест на тутунарите од струмичко

Нов протест на тутунарите од струмичко. Производители од селата Градашорци и Ангелци повторно излегоа мирно да протестираат  пред откупните пунктови. Забелешки имаат на целиот откупен процес, а најголем револт им прави начинот на проценка. Велат истиот тутун како лани им се цени за една до две класи пониско.Тутунарите реагираат и на тоа што не им се откупува вишокот на произведен тутун.

,,Тоа е срамота. Да го земаат четворка, тројка. Каде се тие премиери, таа држава да не оправи малку. Што е тоа, како ќе преживееме ние, ќе трпиме голи и гладни. Срамота е, цело лето јадевме горчлив леб.,, вели тутуно производител од Ангелци.

,,Нека дојде секој ден со мене да бере, два тони да извади па нека го даде по четворка и тројка, да видиме дали ќе го даде. И да гладува цел ден да не јаде леб, со аргати да бере тутун да види како е. Не можам за аргати да извадам парички, трошоците да си ги покријам, каде е тоа. Срамота,, - вели Живка Василева - тутуно производител.

,,Не сакаат да го ценат и вишокот тутун. Јас имам 3 тони тутун, а 200 кила имам донесено денеска. Другото што да му правам, да го фрлам на отпад? - вели Кадри Муслиев - тутуно производител.

Апелираат до политичарите на излезат на терен и да ја видат нивната мака, а не да ги бараат само кога имаат потреба од нивниот глас на избори.

,,Кој и да дојде не гласаме веќе, за никој. Кој и да дојде не гласаме веќе, народот нема да оди. Немам доверба во никој. Не се застанале пред нас. Каде се што гласавме, да дојдат да видат, а не за гласањето да дојдат дај гласај за ВМРО, дај за СДСМ, никој да не ми доаѓа,, - вели Живка Василева - тутуно производител.

Ако не биде одговорено на нивните барања и проблемот не се реши тутуно производителите од струмичко најавуваат интензивирање на протестите. Не ја исклучуваат и можност од блокади на патиштата.