Сточарите со загуби, 450 илјади вакцини на пат
Денес е крајниот рок за пристигнување на 450 илјади вакцини против овчата и козјата сипаница обезбедени од Европската Унија, а за нив е добиена и дозвола за употреба.
По загубата на илјадници грла добиток, следуваат координација со сточарите и договор за начинот на спроведување на вакцинацијата.
Најпогоден е Источниот Регион. Сточарите ги изолираат стадата и ги применуваат пропишаните мерки за заштита.
- Ќе биде спроведена програма, односно, начинот на кој ќе се спроведе вакцинирањето. Веќе имаме и одговор од страна на ЕК во поглед на вацинацијата и нормално, ќе одиме на позитивно решение и решавање на сите проблеми кои што ги имаме, изјави Борче Серафимовски, Министер за земјоделие.
Подготвена е и методологија за обесштетување на погодените сточари. Бројот на животни опфатени со мерките за сузбивање на болеста се приближува до 10 илјади.
Согласно ветеринарните правила, на одгледувалиштата каде што се спроведени мерките најмалку шест месеци нема да може повторно да се чува добиток, поради што финансиската помош е особено важна за обновување на стадата.
- Знаеме дека проблемот со овчата сипаница е актуелен, но морам да кажам дека бројката на заразени животни се намалува и веќе доаѓаме до посакуваните вакцини и решенијата кои се потребни, односно вакцинацијата. Процедурите кои што ги спроведуваат од страна на АХВ, односно инспекторите излегуваат на терен и констатираат кога имаме заболени животни и кога имаме угинување на животни, се подготвува записник. Со овој записник истите ќе имаат можност да се обратат до Агенцијата за финансиска поддршка и нормално сите процедури кои што се потребни ќе бидат спроведени за истите сточари да не ги изгубат мерките, односно директните плаќања кои што се предвидени, додаде Серафимовски.
За надминување на кризата, клучни ќе бидат координацијата меѓу ветеринарните служби и сточарите, навременото спроведување на мерките и следењето на состојбата и по започнувањето на имунизацијата.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
