Македонија
25. November 2026 - 16:33

Владата мобилизираше шест институции за решавање на проблемот со кравите во Крива Паланка

Владата мобилизираше шест државни институции за решавање на проблемот со кравите кои неконтролирано се движат низ Крива Паланка.

На вчерашната седница беше усвоен акцискиот план според кој Агенцијата за храна и ветеринарство треба да ги залови и одземе кравите, а Агенцијата за управување со одземен имот да ги преземе, транспортира, смести и згрижи животните. МВР ќе обезбедува полициска асистенција при теренските активности, Центарот за управување со кризи ќе ја координира операцијата, а Дирекцијата за заштита и спасување ќе обезбеди логистичка, техничка и кадровска поддршка. Бирото за процена ќе треба да ја утврди вредноста на одземените животни.

Градоначалникот Митовски е задоволен што државата почнува да го споврдува она што општината го бара повеќе од две години. Сепак вели дека внимателно ќе се следи процесот бидејќи барем засега нема рокови ниту кога ќе почнат, ниту кога треба да завршат теренските активности. Протестите засега се ставени во мирување.

Крива Паланка со години има проблем со стотиците крави кои влегуваат во дворови, уништуваат земјоделски површини и ја загрозуваат безбедноста на жителите. Сопствениците на животните имаат над 100 пријави од кои 20-тина се кривични, но за нив нема никакви мерки.

Кравите изминатите месеци ја преминаа и државната граница и предизвикаа проблеми во Бугарија и Србија, а видеата од нивното неконтролирано движење ги пренесоа и дел од светските медиуми.