Клучните закони за спречување на насилството се закочени во Парламентот
Повеќе од 3 месеци осум клучни закони за заштита од насилство се закочени во Собранието. Причината според граѓанскиот сектор е притисокот од антиродовите движења и нивните поддржувачи во парламентот кои бараат нивно повлекување и бришење на поимите „род и „родово базирано насилство“ со што жената би се вратила во положба во која била пред децении и без никаков општествен статус.
Граѓанскиот сектор испорача 6 клучни барања за ефикасна заштита. Потребни се 7 милиони евра годишно за целосен систем на заштита, сума која е помала од една реконструкција на булеварска улица.
Организациите бараат во буџетот за следната година да се обезбедат најмалку 200 милиони денари, заклучоци од априлската надзорна расправа со конкретни рокови и одговорност за институционалните пропусти во случаите „Росица, Ивана и Катја“.
Анализата на 59 судски пресуди открива алармантна вистина дека најголем дел од фемицидите се случиле во домот, откако жртвата пријавила насилство. Во 90 отсто од случаите полицијата знаела за опасноста, а во 70 отсто мотивот воопшто не бил утврден, што покажува дека системот потфрла во проценката на ризик.
Со герила-акција во Скопје, организацијата ХЕРА го означи почетокот на глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
