Македонија
8. January 2021 - 17:27

ДИЖС: Ако сака да продолжи со работа, Пејпер Мил да го преадаптира котелот од пелети на плин

Последните мерења на аерозагадувањето од фабричкиот оџак на фабриката за хартија Пејпер Мил во Кочани, покажаа емисии на токсични гасови над дозволените гранични вредности. Државниот инспекторат за животна средина нареди фабриката од 5-ти јануари, доколку сака да продолжи со производство, да престане да го користи котелот на палети и да премине на плин.

-Од Пејпер мил информираа дека, двете акредитирани лаборатории кои вршеле мерење дале различни резултати, иако е користена иста опрема и метод. Резултатите од едната лабораторија се за 7 пати повисоки од втората. Веќе 4 дена фабриката не работи, а во понеделник акционерите ќе се состанат во Бугарија, за да договорат што понатаму.

Пред два месеци, инспекциските служби изрекоа казна од 20.000 евра и му наложија на раководството на фабриката да постави филтер на фабричкиот оџак. Проблемот со аерозагадувањето во Кочани се провлекува веќе 2 години. Кочанчани, а посебно жителите на околните стамбени објекти неколку пати организираа масовни протести. На последниот се заканија дека, доколку под итно не се најде решение ќе ги блокираат локалните институции.