Македонија
12. January 2021 - 17:25

Ивермектинот тешко се наоѓа во аптеките, на матичните лекари никој не им кажал на кого да го препишуваат

Министерството за здравство тврди дека ивермектинот од денеска е достапен за пациентите, но во аптеките тешко се наоѓа. Попладневно направивме проверка во Централното градско подрачје каде фармацевтите велат дека утринава го добиле мали количини од лекот, но брзо се потрошил. Нова достава очекуваат до крајот на денот.

Во текот на денот голем број граѓани барале и од матичните лекари да им издадат рецепт, но тоа било невозможно. Чекаат насоки од министерството за здравство.

-Ние немаме пропишано, но имаме барања. Еве да упатиме апел до министерството за здравство под итбно ни требаат 3 моменти. Која доза да ја користат граѓаните превентивно, односно хроничните пациенти. Второ, што ако дојде пациент кој е настинат со симптоми на коронавирус и трето ни треба протокол за лекување кај кои е влошена состојбата. Потребни ни се квалитетни протоколи, изјави д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседател на ЗПЛРМ.

По ваквата изјава од Здружението на матични лекари останува отворено прашањето како некои граѓани стигнале до лекот и кој им ги пропишал рецептите бидејќи според надлежните без тоа не може да се купи во аптека.

Од министерството за здравство не добивме одговор дали системот Мој термин регистрирал издавање на Ивермектин денеска.

Нема ниту информација дали лекот  почна да се применува и во Ковид- центрите и кои болници и клиники го набавиле.