Македонија
16. March 2021 - 16:50

Засега не се планира зголемување на полицискиот час, но ништо не е исклучено

Засега нема нови мерки, ниту продолжување на полицискиот час. Од Министерството за здравство нема најава и за дополнителни ограничувања викендов. 

-Нема промена во однос на мерките. Комисијата за заразни болести и епидемиолозите ја следат состојбата со коронавирусот во нашата држава и во регионот и доколку процени дека има потреба, ќе предложи дополнување на веќе постоечките мерки, за што секако ќе ја информираме јавноста, велат од МЗ. 

Иако статистиката на новозаразени последниот период е алармантна според информации на Сител, Комисијата за заразни болести деновиве воопшто не заседавала за да ја анализира состојбата.

Во меѓувреме граѓани и по втор пат се заразиле со Ковид. Институтот за јавно здравје од почетокот на пандемијата регистрирал 116 реинфекции. Меѓу повторно заболените има и млади и стари. Дали пациентите вториот пат имале потешка или полесна клиничка слика од ИЈЗ велат дека засега неможе да се дадат прецизни податоци.

-Бидејќи податоците со кои располагаме врз база на направените анкети не се релевантни за целото времетраење на болеста. За девет лица имаме податок дека биле хоспитализирани, а за 44 дека биле на домашно лекување. Од вкупниот број 116 реинфекции, починале две лица на возраст од 63 и 77 години, изјави д-р Шабан Мемеди, директор на ИЈЗ.

Досега во Македонија се регистрирани 113.000 со Ковид-19, од нив 0,1 процент по втор пат се заразиле со вирусот.