Македонија
2. April 2021 - 16:50

Владата најавува поголем број вакцини во следните недели, за АстраЗенека ќе се чека ставот на ЕМА

Премиерот Зоран Заев денеска го повика населението масовно да се вакцинира и граѓаните да немале никаков страв бидејќи вакциниите биле здрави, проверени и тестирани во најреномирани меѓународни институции. Според Заев колку побрзо граѓаните се иминизирале толку побрзо ќе се победел Ковид-19. Премиерот истакна дека во текот на април се очекува да дојде поголема количина на вакцини од различни производители. Најмногу 200.000 од Кина кои ќе пристигнеле кон крајот на месецот.

„И Фајзер ги најави 80.000-те вакцини дека ќе стигнат, тие ќе бидат поделени на седмици или десетина дена. Овој месец ќе стигнат и вакцините од ЕУ, од 651.000 за Западен Балкан, некаде околу 100.000 се за РСМ. Спутниковите следни количини ги очекуваме исто така во месец април да стигнат, уште една количина до 100.800 бројки вакцини да стигнат од КОВАКС механизмот“, истакна премиерот Зоран Заев.

Министерот за здравство Филипче рече дека освен случајот со 28 годишната девојка немало друг случај на несакани реакции од вакцинацијата во Македонија. A ќе се чекало одговорот од Европската медицинска агенција ЕМА кога и дали ќе се спушти возрасната граница за вакцинација со АстраЗенека.

„Многу веројатно ќе се докаже тоа дека апсолутно ризикот да се заболи од тешка форма на ковид е многу поголем отколку компликациите кои се јавуваат од вакцината, што значи дека вакцината ќе се препорача и за помладите категории на граѓани, но додека не го добиеме тој официјален став на ЕМА ние нема да брзаме“, рече министерот за здравство Венко Филипче.

Инаку денеска во Прилеп се пушти модуларната болница со капацитет од 35 пациенти. Поради тоа што во Прилеп ситуацијата е доста критична и се полни сите 5 ковид оддели во болницата градоначалникот го повика целиот медицински персонал од Прилеп кој може да дојде и да помага во болницата во наредните 10-тина дена кога се очекува пикот на овој бран.

„Уште овие 10-15 дена имаме потреба од таква помош во нашата болница, затоа што и тоа како им е потребен, без разлика дали тоа ќе бидат лекари, медицински сестри, болничари или друг технички пероснал, ве замолувам ако имате можност да дојдете да им помогнеме на новите херои на новото време, затоа што тие цела година се истоштени и изморени и ова е последниот момент кога сакам да им помогнеме, затоа што граѓаните ќе го почувствуваат тоа“, истакна Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

Вкупно во болницата од ковид се лечат 250 болни, 130 се  хоспитализрани, а другите примаат секојдневна ковид терапија.