Жителите на Вељуса гневни поради пустошот на нивите кои им го направиле соседите од село Баница
Крадци оперираат во струмичкото село Вељуса, цели ниви секојдневно се пустошат, а месното население нема начин да си го заштити ниту имотот ниту производството. Како главни виновници ги посочуваат дел од жителите од соседна Баница. Не го обвинуваат целото село, но имало околу триесетина групи кои освен што правеле материјални штети се однесувале агресивно и хулигански. Од страв дека ќе бидат физички нападнати жителите на Вељуса подолго време не смеат сами да одат на поле. Барале помош од институциите, но состојбата останала непроменета. Немајќи друго решение денеска жителите од Вељуса излегоа на мирен протест и јавно побараа помош за решавање на проблемот.
,, Не станува збор за кражби туку за зулуми. Кој збор да го искористам мислам дека ќе бидам разбран затоа што напаѓачите или крадците се однесуваат хулигански. Доаѓаат, прават атака, кршат, земаат што ќе можат, газат кај ќе стигнат, не бираат ништо и се враќаат назад. На земјоделецот работното место му е на нива, а замисли човек не смее сам да појде на работното место, вели Ристо Тасев - жител на Вељуса.
,, 25 години веќе е тој проблем и никој ништо не презема мерки, а ние си плаќаме како граѓани сите давачки кон државата, а ништо не добиваме од државата. Значи ние сме не знам како да кажам, вели Трајчо Соколов, жител на Вељуса.
Од надлежните бараат поголема заштита, но промена на законот за личен имот за да можат и тие самите да реагираат и да си ги заштитат нивите и домовите.
,, Доколку не постои законска основа нека се пристапи кон законски измени. Проблемот не е нов, тој е познат доста години. Секоја штета ја пријавуваме. Не треба да дозволи полицијата ние да формираме пара полиција и да одиме како нив. Тие се вооружени групи од по неколкумина со вили и стапови. Требали и ние така вооружено па да има жртви. Треба да го спречат тоа, вели Златко Станков, жител на Вељуса.
Доколку никој не ги слушне нивните апели и не се најде начин за решавање на проблемот жителите на Вељуса велат дека ќе продолжат со уште помасовни и порадикални протести.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар