Комитетот за имунизација побара граѓаните да се вакцинираат без да проверуваат антитела
И граѓани кои имаат висока вредност на антитела можат да примат вакцина против Ковид-19. Според препораките од Националниот комитет за имунизација нивото на антитела кај прележаните не влијае врз вакцинацијата. Иако некои научни истражувања покажуваат дека за лицата кои веќе биле заразени доволно е една доза, овој став не е прифатен во земјава, бидејќи не бил одобрен од релевантни здравствени регулаторни тела.
- Временскиот период од прележување на болеста до вакцинација е најмалку од месец дена. Одредување на нивото на антитела не се препорачува и нема влијание врз вакцинацијата, информираат од министерството за здравство.
Од Комитетот препорачуваат лицата кои за време на лекувањето примиле плазма или моноклонални антитела да се вакцинираат 3 месеци откако ќе оздрават. Ако некој се зарази помеѓу двете дози, втората доза да ја прими кога комплетно ќе оздрави.
Инаку Европската унија од утре ќе ги прифаќа македонските вакцинални сертификати. Со ова одлука за луѓето кои ги примиле двете вакцини во земјава, а се признаени во ЕУ ќе бидат укинати ограничувањата во патувањето како што се тестирањата или карантин. За граѓаните кои се вакцинирани со “Спутник” Унијата остава на секоја земја поединечно да одлучи дали ќе ги признаваат. Ова значи дека македонскиот граѓани кои имаат сертификат ќе можат да патуваат во ЕУ под истите услови како и нивните граѓани. Како што соопштија од министерството за здравство ние сме прва земја во регионот за која сертификатите за КОВИД-19 ќе се сметаат за еквивалентни на Дигиталниот сертификат на ЕУ.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
