Диви свињи ги пустошат нивите со пченка во струмичко
Диви свињи масовно ги уништуваат површините со пченка во струмичко. Земјоделци од селото Колешино се жалат дека скоро еден месец мака мачат да го заштитат родот, но безуспешно. Велат цели стада свињи секој ден се симнуваат во полето и прават пустош по нивите. Тврдат дека скоро 70 проценти од пченката веќе е уништена.
,, Површината е огромна, може да има некаде околу 1000 декари. Кога ќе ја нападнат додека не ја уништат до 80% они од таму не излегуваат.,, вели Тимо Ѓорѓиев сопственик на нива со пченка
,, Не е една животинка или две, туку ги има многу и не е возможно лесно да се уништат или да се направи нешто што ќе ги сопре за да не прават штети, значи треба да се преземе некоја голема акција за да има некаков резултат.,, вели Глигор Георгив сопственик на нива со пченка
Од ловното друштво во Ново Село информираа дека во моментов има забрана за лов и затоа не се во можност да вршат отстрел. Потенцираат дека во период на ловостој и покрај тоа што се концесионери тие не се надлежни ниту за надомест на штетата. Единственото што можеле да го направат е организирани хајки за прогон на дивечот.
.. Ние можеме да преземеме мерки, да правим хајки да ги протеруваме ама има еден проблем . Тој проблем се појавува малку и од земјоделците кои според наши сознанија ставаат отров по нивите за да ги троват свињите. Сакам еден апел да им дадам на земјоделците дека дивата свиња не јаде отров и никогаш нема да може да ја отроват, а поради тоа ние како ловно друштво не можеме да правиме хајки бидејќи ќе ни бидат отровени нашите кучиња, а за нашите кучиња сите знаат дека добро куче вреди и до 5000 евра.,, вели Павле Танчев- потпретседател на Ловно друштво Елен Ново Село.
Од министерството за земјоделие информираа дека мерките за спречување на штети од дивеч ги презема концесионерот на дивечот во ловиштето.
,,За штети што ќе причини дивечот под заштита за кои се утврдува ловостој, одговорен е концесионерот на дивечот во ловиштето, освен во периодот за кој е определен ловостој. Штетата што ќе ја причини дивечот за кој е пропишана трајна или привремена забрана на ловење се надоместува од Буџетот на Република Северна Македонија. Работите на инспекциски надзор ги врши Државниот инспекторат за шумарство и ловство преку ловни инспектори., информираа од земјоделие.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар