Македонија
23. August 2021 - 16:37

Царовска: Училишната година дефинитивно почнува со физичко присуство

Учебната година дефинитивно стартува со физичко присуство на основците и средношколците во школските клупи. Ова сценарио е утврдено врз основа на емпириските сознанија стекнати од западно европските земји во текот на минатата учебна година.

- И нашето искуство како држава, во која од прво до трето одделение се одеше во училиште, сите подрачни, помали училишта беа отворени за сите одделенија во основно образование, средните стручни училишта исто така праксата ја одвиваа во училница, се покажа дека трансмисија во образовниот процес немаше, изјави Мила Царовска, министерка за образование и наука.

Сепак доколку здравствените власти оценат дека состојбата се влошува, ќе биде применет хибридниот модел или целосна он лајн настава. Денеска Царовска се сретна со студентите од штипскиот универзитет, за да ги информира дека нивните барања за удвојување на стипендиите, субвенционирање на оброк и враќање на стипендиите за втор и трет циклус студии се усвоени.

- Ако порано стипендиите беа од 3 000 до 4 000 денари, зашто има различни видови на стипендии, сега сите се изедначени и се на ниво на 6 050 денари. Студентите на природните науки ќе имаат можност да аплицираат за стипендии од 18 000 денари, затоа што навистина се појавува дефицит кај овие струки, додаде Царовска.

Висината на стипендиите за втор циклус ќе изнесува 9 000 денари, а за трет 18 000 денари месечно.