Македонија
6. September 2021 - 16:38

Градот Скопје води кампања за растојание во училниците, здравство и образование велат тоа не е во протоколите

Со маска, растојание од 2 метри и редовно миење на рацете. Ова се клучните мерки во кампањата на Град Скопје “Безбедни на училиште” за заштита на учениците од Ковид-19. Но, како децата да одржуваат дистанца од 2 метри кога во еден клас има по 30-тина деца и треба да седат во иста клупа со друг соученик. Ова е забелешка и на голем број родители кои јавно реагираа и под самата објава за кампањата. Градоначалникот Шилегов вели дека во скопските средни училишта се работи во смени и ги повика родителите да пријават не почитување на протоколите.

-Апелирам до секој како родител, како јавност ако дознае за такви работи да ги известат нив или Министерството за образование, со цел, Државниот просветен инспекторат ја санкционира таа состојба и да го доведеме работите во ред затоа што безбедноста и доброто здравје на секој средношколец е имератив за секој од нас, изјави градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.

Но, во пракса растојание од 2 метри  помеѓу учениците не се применува бидејќи нема просторни услови. Не се поделени одделенијата и сите 30-тина деца заедно следат настава. Дистанцата не е влезена ниту во официјалните протоколи. За ова е свесна и министерката за образование.

-Протоколите се донесени во координација со Комисијата за заразни болести. Носење маска, дезинфекција и проветрување, тоа е тоа што стои во протоколите и достојно се почитува, изјави министерката за образование Мила Царовска.

Министерот за здравство пак во денешната изјава за протоколите ги спомена и маските и дистанцата.

-Засега не гледаме дека училиштата се ризик во однос на епидемиолошката ситуација, односно здравјето на децата. Протоколите во училиштата се направени по принципите на тоа како се одвиваат препораките не само кај нас, насекаде во светот, за спречување на ширење на вирусот со маските, со дистанците итн. И овие бројки кои досега ги имаме укажуваат дека навистина е мал бројот на ученици кои се заболени, изјави минситерот за здравство Венко Филипче.

Од почетокот на учебната година до денес регистрирани се 17 ученици и двајца наставници позитивни на Ковид. Ниту еден не се заразил во училиштето.