Македонија
10. September 2021 - 16:55

Обвинителството побара одземање на документацијата за болницата, лекари потврдиле проблем со инсталацијата

Јавното обвинителство ги постави контурите на истрагата за пожарот во тетовскиот ковид центар. Ќе проверува снимки од безбедносни камери во болницата и околните објекти, сослушува сведоци од местото на трагедијата и дел од лекарскиот персонал. Веќе се проверува дали електричната инсталација била причина за избувнување на пожарот. Вклучени биле експерти во електротехниката, Дирекцијата за заштита и спасување и ЕВН.

Донесена е наредба за ангажирање на вешто лице од областа на електротехниката, кој беше присутен и на самото место во опожарениот објект и чија експертиза ќе одговори на прашањата за причинско-последичната врска за настанување на пожарот, велат од обвинителството.

На проблем со електричната инсталација посочуваат и од тетовската болница. Координаторот на ковид центарот тврди дека медицински персонал сведочел дека непосредно пред пожарот, во една од собите имало краток спој во електронапојувањето.

Струјата го отежнало и гасењето на огнот, сведочат тетовските пожарникари. Велат, никогаш претходно немале интервенција во која за толку кратко време цел објект бил во пламен.

Од тетовската болница нема прецизен одговор кој дозволил во ковид одделот да има и роднини на пациентите, но велат таква пракса имало и претходно.

По трагедијата во Тетово, Државниот санитарен и здравствен инспектарот најави дека ќе прави инспекциски надзор во сите модуларни ковид болници за условите во кои тие работат.