Македонија
3. October 2021 - 21:30

СЦ „Борис Трајковски“ повторно се затвора за вакцинација - каде ќе се ревакцинираат граѓаните?

По месец и половина функционирање, од утре нема вакцинација против Ковид во малата сала во спортскиот центар „Борис Трајковски“.

Неофицијално пунктот е затворен поради намалениот интерес за имунизација, но од здравство објаснуваат дека причината е зошто просториите биле потребни за други активности.

Пунктот беше отворен откако првата недела од август по најавата дека без една доза нема влез во угостителски објекти, молови или на настани пред скопските поликлиники  имаше големи гужви за вакцинација. Во салата беа поставени 20 позиции за боцкање, се аплицираше вакцината од производителот Фајзер, а дневно се имунизираа и по 700-тини граѓани.

Сите граѓани кои прва доза изминатите 3 недели примиле на ова место, за ревакцина можат одат во било која од поликлиниките во главниот град.

- На територија на град Скопје, вакцинацијата се одвива во 7 поликлиники. Во две смени работат поликлиниките „Букурешт“, „Јане Сандански“ и „Чаир“. Во една смена работат поликлиниките во Ѓорче Петров, Драчево, Ченто и Шуто Оризари, велат од МЗ.

Според последните податоци со две дози во земјава вакцинирани се околу 730.000 граѓани, односно 43,6 % од полнолетното население.

Државата на располагање има над 200.000 вакцини, повеќето Фајзер, а секој понеделник преку Ковакс механизмот се испорачуваат околу 12.000 дози од овој производител.

Во петокот поради истекот на рокот беа повлечени и ќе бидат уништени на Дрисла 13.000 дози Фајзер од бугарската донација која се состоеше од  51.480 вакцини.