Македонија
7. October 2021 - 19:42

Потврда за неосудуваност преку мобилен телефон за 3 минути

Со помалку од 10ина кликови и за околу три минути од денеска ќе може да се добие потврда за неосудуваност. Досега, за документот, граѓаните мораа да одат двапати во судот. Сега, барањето, плаќањето и издавањето на потврдата  се прави преку сајтот uslugi.gov.mk.

„Со приклучување на судовите на националниот поратал на услуги и барањата и потврдите се издаваат електронски и граѓаните повеќе нема потреба да губат по неколку часови, двапати, за да ги подигнат документите што им се потребни, туку сега, соодветниот документ ќе го добиваат за три минути“, вели Зоран Заев, Премиер.

Издавањето потврда за неосудуваност преку интернет, е дел од владиниот план за дигитализација на судството. Така се намалувале и шансите за појава на корупција.

„Сите анализи покажуваат дека со воведувањето на информатичката технологија, заштедите во судовите ќе бидат огромни. Ќе се штеди на ресурси, на хартија, но и на време. Колку повеќе процесите се дигитализирани, толку се помали шансите за човечко влијание на истите“, вели Бојан Маричиќ, Министер за правда.

Електронската потврда за неосудуваност, за судовите ќе значи заштеда на време и пари. Годишно се трошеле над 1 милион евра за хартија и печатачи.

„Ова значи ефикасен пристап до услугата и истовремено намалување на трошоците и времето. Обезбедува заштеда на повеќе од 30 пакети хартија, односно на 500 листови и повеќе од 100 тонери“, изјави Лазар Нанев, Судија.

Од владата велат дека во следниот период 100тина судници во државата ќе добијат најсовремена информатичка опрема, со која сметаат дека ќе нема застарување на судските предмети.