ВО ЖИВО: Поднесени приговори до ДИК и Антикорупциска за првиот круг од изборите
Дел од политичките партии бараат државната изборна комисија да провери дали имало нерегуларности при гласањето и броењето гласови од првиот изборен круг. На адреса на ДИК, пристигнале 13 приговори. Речиси половина од нив се од коалицијата Алијанса и Алтернатива, а се однесуваат на гласачки места во Гостивар, Дебар и Шуто Оризари.
Забелешки за текот на гласањето пријавила и СДСМ. Во партијата се сомневаат на пропусти во четири избирачки места распоредени во Јегуновце, Ѓорче Петров и Македонска Каменица.
На можни неправилности во текот на изборниот ден се сомневаат и во ВМРО-ДПМНЕ. Приговараат на гласањето во три избирачки места, во општина Центар, Долнени и Сарај.. Партијата поднела приговори и за прекршување на изборниот молк.
Од Државната изборна комисија велат дека во следните 72 часа ќе се разгледаат приговорите поднесени од партиите.
Во меѓувреме, приговори од партиите разгледуваат и антикорупционерите – истражуваат можно коруптивно однесување и прекшување на изборните правила. ВМРО-ДПМНЕ се пожалила дека Владата непосредно пред изборниот молк донела одлука за финансиска помош на 160 компании. Антикорупциска ги проверила информациите ама велат владата постапила законски. Не биле прекршени изборните правила оти Владата немала исплата кон компаниите кои биле избрани да добијат државна помош. Сепак во целата постапка антикорупционерите гледаат притисок и влијание врз гласачите.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
