Македонија
28. October 2021 - 12:31

Одбраната во ТНТ тврди дека обвинителот Рустеми нудел условни казни, Рустеми негира

Обвинителот во предметот ТНТ каде обвинети се поранешниот премиер Груевски и екс министерот за транспорт, Јанакиески, нудел условни казни за дел од обвинетите, а нив ќе ги договорел со судот, тврди одбраната во случајот. Адвокатот Даути вели дека понудата ја добил минатиот четврток на средба во канцеларијата на обвинителот Бурим Рустеми. Разговарале за доказите во предметот, па како што вели одбраната, Рустеми открил дека имал договор со судот, предметот за уривањето на Космос да се заврши пред крајот на годинава.

Обвинителот Рустеми негира дека со судот договарал поблаги казни.. Во разговор за Сител, тврдењата на Даути ги нарече манипулации. Реагираше и јавното обвинителство – се сомнева дека адвокатот имал цел да го одолговлекува судењето.

„Јавниот обвинител кој постапува во предметот ниту влијаел ниту можел да влијае врз одлуката на Судот во поглед на текот на постапката или кривичната санкција во предметот. Сите услови побарани од странките во постапката, до овој момент се задоволени од страна на Судот, вклучувајќи и превод на целиот доказен материјал и сите записници на албански јазик, токму по барање адвокатот Мерџан Даути, кој застапува странка која воопшто не говори на албански јазик, како што и самата се има произнесено.

Во предметот ТНТ обвинети се и поранешниот градоначалник на Гази Баба и неколкумина вработени во општината.