Јанакиески пред судот тврди дека не влијаел врз одлуките на комисијата за „Сончев град“
Продажбата на земјиштето за „Сончев град“ е направена законски, тврди поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески. Ги отфрли обвинувањата дека формирал нова комисија за да се продаде локацијата за елитната населба на Водно. Според Јанакиески, комисијата била формирана бидејќи дел од членовите во претходната биле на боледување, а за некои било побарано разрешување. Вели дека во својот деветгодишен мандат како министер, никогаш не се мешал во работата на комисиите.
„Одговорно тврдам дека не сум влијаел во работењето на комисијата, не сум барал да се објави огласот, а уште помалку како што се тврди во обвинението сум барал да се објави иако сум знаел дека има недостаток во објавата. Ниту со членовите на оваа, ниту со другите сум контактирал и секогаш сум ја запазувал хиерархијата во Министереството,“ изјави Јанакиески.
Според одбраната, обвинителството не докажало дека Јанакиески и членовите на комисијата предизвикале милионска штета за државниот буџет. Изградбата на „Сончев град“ пропаднала откако планот го укинал Уставниот суд.
Освен Јанакиески, во случајот Топлик обвинети се и членовите на комисијата од министеството за транспорт и врски кои според обвинението, на незаконски начин ја продале локацијата за Сончев град, па подоцна министерството морало да плати милионска отштета за компанијата.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
