Македонија
20. November 2021 - 16:34

Протест на „Аваја“ пред Кривичниот суд

Со марш низ скопските улици, здружението Аваја побара правосилност на пресудата за полицаецот од Битола кој беше осуден на една година затвор поради напад на неколкумина Роми. На протестот од Кривичниот суд до Јавното обвинителство, учесниците извикуваа нема правда нема мир, а бараа и како што велат, да прекине полициската бруталност.

Со протестот се бара и Обвинителството да постапи по кривичната пријава поднесена против сите полицајци кои во септември лани биле дел од случајот. Велат, една година чекале Јавното обвинителство да оформи предмет по пријавата за малтретирање при вршењето на служба и расна дискриминација.

Пред десетина дена пак протест за поддршка на осудениот полицаец се одржа во Битола со кој се бараше негово ослободување. Постоеле низа пропусти во судската постапка, а како што рекоа, затворската казна била опасност за идни интервенции на полицијата.

За случајот  јавноста дозна преку социјалните мрежи откако се појави видео на кое се гледаат униформирани полициски службеници како тепаат неколкумина Роми откако направиле сообраќајка. Двајца од полицајците беа суспендирани од работните места, а еден заврши на суд и беше осуден на една година затвор.