Македонија
20. November 2021 - 16:36

Конгресмени со писмо до бугарскиот амбасадор: Тргнете ги проблемите на страна, преговорите да почнат до крајот на годината

Бугарија да го симне ветото и во декември Северна Македонија и Албанија да ги почнат преговорите за членство во Европската Унија. Ова од амбасадорот на Бугарија во Вашингтон го бараат конгресмени од Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом на Соединетите Американски Држави.

Во писмото адресирано до амбасадорот Тихомир Стојчев, 13мината конгресмени потврдуваат дека и покрај тоа што Северна Македонија и Албанија ги исполниле барањата за почеток на пристапните преговори со ЕУ, се уште бил присутен спорот со Бугарија кој ги попречува двете држави да ги започнат европските интеграции.

„Амбасадоре Стојчев, продолженото одложување на напредокот на Северна Македонија и Албанија кон членство во Европската Унија, фрла сомнеж на заложбите од западните лидери, отварајќи врата за антизападно политичко влијание во регионот, посебо од Кина и Русија“, пишуваат конгресмените во писмото до амбасадорот на Бугарија во Вашингтон.

Тие потенцираат дека двете држави напорно работеле за решавање на регионалните спорови со цел брза интеграција во ЕУ. Според конгресмените, членството на Северна Македонија и Албанија е клучно за долготраен мир и стабилност на балканот, но и како што пишуваат, за целата транс-атланска заедница.

„Поради ова, Ви пишуваме од името на сите членови на комитетот за надворешни работи, да ве охрабриме да постигнете финално решение за овој билатерален проблем кој ќе овозможи Албанија и Северна Македонија да ги започнат пристапните преговори за ЕУ пред крајот на годинава. Се надеваме дека ќе ги ставите вашите разлики на страна и ќе ја поддржите целосната политичка интеграција на Северна Македонија и Албанија во Европската Унија“, се вели во писмото упатено до амбасадорот Стојчев.

Во писмото се додава дека токму напорите на земјите од Западен Балкан за надминување на меѓусебните проблеми, придонеле успешно да се приклучст кон НАТО алијансата.