Родители бараат носењето маска во училница да биде право на избор
Родители со петиција на социјалните мрежи бараат да се укине задолжителното носење маски во училиштата. Бараат од Комисијата за заразни болести оваа мерка да биде препорака и право на избор. Родителите кои се потпишале на петицијата посебно се револтирани што децата ги терале да носат маски и на часот по физичко. Исто така не гледаат логика истите деца кога влегуваат во угостителски објекти не мора да носат маска, а истото е обврска во образовните установи.
-Јас сум родител на 7 годишно дете и по часовите доаѓа изморено, истоштено... Не може децата да ги тераат да носат маски на физичко, а потоа на тренингот за одборка да не носат маска, изјави за Сител Трајче Петковски, еден од родителите кои стојат зад петицијата и барањето да се укинат маските во училиштата.
Нивното барање го испратиле до сите надлежни институции, Влада, Комисијата за заразни болести, министерство за здравство. Од таму на прашањето на Сител добивме одговор дека до Комисијата не стигнала таква иницијатива.
-До Комисијата за заразни болести досега не стигнала таква иницијатива. Откако ќе стигне истата членовите на Комисијата ќе ја разгледаат па ќе излезат со свој став, велат од мз.
Но во групата на Фејсбук може да се види дека иницијативата е испратена на повеќе мејлови на министерството.
Родителите кои ја подржуваат иницијативата се категорични доколку не наидат на слух кај здравствените власти и Комисијата за заразни болести најавија дека кон крајот на месецот ќе излезат и на мирен протест, бидејќи како што велат во многу држави меѓу кои Данска и Шведска, маските во училиштата не се задолжителни.
-Доколку не наидеме на слух и разбирање, ќе се организираме и ќе излеземе на мирен протест кон крајот на месецот, вели Петковски.
За еден ден петицијата ја потпишале над 1200 родители, а групата има над 3500 членови.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
