Адвокатскиот тим на Мијалков го повика Обвинителството да отвори предмет за мешањето на власта во работата на судството
Одбраната на Сашо Мијалков бара од Јавното обвинителство да отвори предмет по допрен глас за Министерот Маричиќ. Велат, со објавувањето имиња на судии, министерот за правда директно се вмешал во работата на судската власт чија независност е гарантирана со уставот. Се сомневаат дека тој имал директен контакт со некој од судиите кои одлучувале за притворот на Мијалков.
„Министерот за правда не е дел од некаква естрада за да може на начин на кој што ги искажува и пласира своите размислувања преку Фејсбук, а кои што повеќе се одраз на некаква емоција на антипатија, Јас имам такво чувство, да задира во системот на вредности кои Уставот јасно ги дефинирал“, вели Љупчо Шврговски, Адвокат.
Според одбраната, фејсбук статусот на Маричиќ, придонел Кривичниот суд експресно да го прифати барањето за нов притвор, иако, како што велат, повисокиот, Апелационен суд, утврдил дека имотот од 11 милиони евра бил доволна гарнција дека Мијалков нема да побегне.
„Со ваквото однесување на министерот за правда, вицепремиерот и Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција, како и Кривичниот совет, се создава опасна судска пракса која веќе се покажува на дело, каде што по порачка се добиваат решенија“, вели Ѕвонко Давидовиќ, Адвокат.
За одбраната на Мијалков останува нејасно зошто ниту тој ниту адвокатите не биле повикани во судот да им биде образложено барањето за притвор. Таквото постапување го сметаат за негативна пракса на судот.
„И во првиот и во последниот случај, ниту одбраната, ниту Мијалков, бевме повикани пред судот, иако е тоа законска обврска на Судот и Обвинителството да ја повика одбраната и самиот човек на кого се однесува барањето за определување мерка. Во последниот случај, иако ние како одбрана бевме во Судот, не бевме повикани да ни се образложи предлогот и од тие причини има скандалозни и небулозни барања од обвинителството“, изјави Петар Василев, Адвокат.
Минатата недела, на Мијалков во ист ден му беше укинат и повторно одреден притвор. Сега, Апелациониот суд, пак треба да одлучува по жалбата со која се бара укинување на притворот одреден за случајот „Плацеви на Водно“.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
