СДСМ најавува нов владин кабинет за десетина дена
Во првите работни денови после Божиќ треба да биде познат составот на новата Влада. Од СДСМ велат дека, изборот на идни министри, мандатарот Ковачевски ќе го направи побрзо од предвидениот рок. Во меѓувреме, од партијата појаснуваат дека течат и разговорите со политичките партии кои ќе бидат дел од коалиционата Влада.
„Преговорите со коалициските партнери се во тек. Како што соопшти и претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, нема да го користи рокот согласно уставот од 20 дена и предлогот за составот на новата влада ќе го достави околу 11 јануари“, вели Богданка Кузевска, Портпарол на СДСМ.
Во средината на месецот се очекува Собранието да ја одржи седницата за гласање на составот и програмата за работа на новата влада. Според претходно формираното мнозинство, новите владини политики ќе добијат поддршка од 64 пратеници.
Во меѓувреме, за јавноста се веќе познати дел од кадрите со кои ќе се пополнат министерските места. Новиот коалиционен партнер, Алтернатива, уште во преговорите за влез во владејачкото мнозинство објави дека со министерството за здравство ќе раководи Беким Сали, а во информатичко и администрација ќе седне Адмирим Алити. Демократската унија за интеграција најави дека не планира смени кај министерските имиња.
Кај социјалдемократите, најавите се дека доскорешниот министер за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, ќе ја замени Шеќеринска во Министерството за одбрана, додека заменик министерот за земјоделие, Трајан Димковски, во новата влада, ќе го превземе кормилото во тоа министерство.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
