Македонија
2. February 2022 - 16:37

Три години по претставката Уставен одлучи дека Преспанскиот договор не ги крши човековите права

Преспанскиот договор не ги повредува правата и слободите на универзитетската професорка, Тања Каракамишева, смета Уставниот суд. Петтемината судии, на денешната седница едногласно заклучија дека со договорот од Преспа, Каракамишева не била дискриминирана во слободата на изразување, личниот идентитет и националната припадност. Според Уставен, договорот бил во интерес на граѓаните и државата.

„Спогодбата е општ акт со материја од правна и политичка природа со која се решаваат државни интереси за добробит на сите граѓани и целата држава, согласно што не постојат услови, Уставниот суд да одлучува по ова барање“, наведе на седницата, судијата Осман Кадриу.

Дополнително, според Кадриу, со потпишување на договорот, земјата станала членка на НАТО, а се отворила и вратата за почеток на преговори со Европската унија.

Иницијативата на Каракамишева која била напишана на 15тина страници, Уставен ја добил пред три години. Освен заштита од дискриминација, таа барала судот да ги сопре и сите активности кои произлегле од примената на Преспанскиот договор. 

Како основа за повреда на правата, Каракамишева ја навела преамбулата од договорот во која државата била именувала како другата страна, со што трајно и биле нарушени уставно загарантираните права и слободи.