Македонија
3. February 2022 - 16:38

Рашковски и Велјановски излегуваат од домашен притвор

Со гаранција од 193 илјади евра, Рашковски излезе од куќен притвор. Дека нема да бега, гарантирал со имот на неговите деца. Заложил нивни плац и стан во Струмица и Скопје во вредност од 192 илјади 980 илјади евра.

Во одлуката за укинување на притворот, Апелациониот суд навел и дека Рашковски е семеен човек, градел кариера, а имал и потреба од лекување.

„Ставот на советот на овој суд е дека понудената гаранција, претставува доволен и реален износ со кој би се обезбедило присуството на обвинетиот во текот на кривичната постапка, односно би била доволна да го спречи обвинетитот да се даде во бегство“, се наведува во одлуката на Апелациониот суд.

Судењето за Рашковски кој е обвинет за злоупотреба на положбата и перење пари додека ја извршувал функцијата, генерален секретар на Владата, треба да почне на крајот на месецов откако минатата недела, стартот на процесот беше одложен поради отсуство на еден обвинет. Тој во изјава за медиумите рече дека случајот е монтиран од обвинителката Трајчева, а парите за кои е гонет биле подароци од гости на родендени и крштевки за неговите деца.

Ослободувањето на Рашковски е во период кога се очекува Советот на јавни обвинители да одлучи дали ќе го продолжи мандатот на петтемина обвинители за гонење криминал и корупција, меѓу нив и на обвинителката која го води случајот за поранешниот генерален секретар на владата.

За ВМРО-ДПМНЕ, укинувањето на притворот за Рашковски, е доказ дека правдата со СДСМ како владејачка партија, било мисловна именка.

Апелациониот суд го укина куќниот притвор и за поранешниот собраниски спикер Трајко Вељановски за случајот „27 април“ во кој беше осуден на затвор од шест и пол години. Тој како гаранција дека нема да побегне ја понудил куќата во која живее чија вредност била проценета на 210 илјади евра.