Македонија
5. February 2022 - 16:34

Најискусниот дипломат во МНР ќе биде следен амбасадор во Софија, најавува Османи

Политиката на политичарите, историјата за историчарите. Министерот за надворешни, Османи, смета дека меѓусебното мешање е штетно за преговорите кои ги водат Македонија и Бугарија. Предлогот за двегодишно замрзнување на работата на мешовитата историска комисија, вели ќе значи, поткопување на договорот за добрососедство.

„Значи и Драги Георгиев и сите членови можат да коментираат што сакаат за тоа какви погледи имаат кон историјата. Тоа е нивна должност. Ние не треба да ги коментираме, политиката не треба, но историчарите не смеат да зборуваат за процесот којшто ги дефинира политичките прашања, Замрзнувањето на улогата на Комисијата, е минирање на Договорот за добрососедство. Тоа е веќе политичко прашање. Тоа не е содржинско прашање за нивната работа“, вели Бујар Османи, Министер за надворешни работи.

Сепак, бугарскиот дел од комисијата, прстот го впери кон политичарите во Скопје. Ангел Димитров во интервју за бугарското радио, нарекувајќи ја земјава, „млада сосетка“, вели дека, клучот за отворање на европската врата бил во рацете на македонските политичари.

„Се надевама дека во Македонија има луѓе кои ќе разберат дека Бугарија не го крие клучот од европската врата, туку т оа го прават одредени кругови во Македонија. Клучот за ЕУ е во рацете на политичарите во Скопје, а не овде“, изјави Ангел Димитров, Копретседавач на бугарската историска комисија.

Според Димитров, вчерашните настани за време на одбележување на роденденот на Гоце Делчев во Скопје, не биле знак за добрососедство.

„Да се положуваат цвеќиња зад полициски кордони, со групи граѓани кои извикуваат недолични зборови. Тоа не е никакво заедничко дејствување кое има придонес во добрососедството и добрите очекувања“, вели Димитров.

За Османи, пак, како што вели, независно од малите странични инциденти, вчерашниот ден бил позитивен. Немало официјално заедничко одбележување, бидејќи двете страни се уште имале разлики за Делчев, но присуството на бугарската владина делегација го смета за добар политички гест.

„Гоце Делчев се уште е во процес на разговори помеѓу Историската комисија што значи не е предмет на тоа официјално заедничко одбележување, бидејќи се уште имаме различни интерпретации по однос на улогата на значењето на оваа важна личност за Нас. Така што, вчера беше одлука на двете држави, односно на двете влади да испратат делегации коишто ќе го почитуваат и одбележуваат овој ден“, вели Османи.

Османи денеска најави дека земјава веќе испратила предлог за амбасадор во Софија, место кое беше испразнето од април 2020. После повикот на бугарскиот премиер Петков, амбасадорот да биде млад, бизнис оринетиран и прагаматичен, Османи најавува дека Македонија испраќа, искусен дипломат.

„Еден од најискусните дипломати во МНР и намерно така е одлучено, да се испрати искусен дипломат во Софија во услови кога сакаме да ја вратиме довербата и да ги надминеме разликите. Меѓутоа, не можам да коментирам за името додека не се добие агриман, меѓутоа барањето за агриман што значи и одобрување од страна на претседатело е добиено и веќе е испратено во бугарското МНР“, изјави Османи.