Македонија
18. February 2022 - 21:16

Се помалку патници, се повеќе диви превозници - безбедноста за сметка на скапиот превоз

Двојно намален превозот на патници со автобуси. Легалните превозници се жалат – нелојалната конкуренција им го уништува бизнисот. Со појавата на социјалните мрежи, од година во година бројот на патниците им опаѓа. Се нудат слободни места со автомобил, за иста или пониска цена како автобускиот билет. Превоз има за било која дестинација – Битола, Охрид, Делчево, Велес, Струмица, па дури и за надвор од Македонија – Србија, Бугарија, Словенија, Грција. Предноста е што превозникот те зема и носи до дома. Но мааната што не знаеш со кој се возиш, дали почитува правила, со која брзина вози. Неретко се случува без образложение превозникот да не се појави на бараната локација. За разлика од нив, легалните превозници имаат точно определно време на пристигнување и возат со пропишана брзина. Но, со последното зголемување на цените, стравуваат дека  и тие што ги имаат, можат да ги загубат.

- Баравме од Владата да ја сузбие нелојалната конкуренција. Станува збор за превозници кои не плаќаат давачки кон државата, не плаќаат придонеси, не полагаат за лиценци, не издаваат фискална сметка, значи работат на црно, ни го земаат бизнисот, а никој не одговара, изјави Масар Омерагиќ, концесионер на автобуската станица Скопје.

Задолжен за контрола на транспортерите е Државниот инспекторат за транспорт.  Но од таму велат дека е многу тешко, скоро невозможно да се контролираат автомобилите. Засилени контроли има на комбињата кои возат без лиценца. За сузбивање на нелојалната конкуренција велат дека е потребна координирана акција со УЈП и МВР.