Македонија
23. February 2022 - 19:47

И во следниот период пратениците со државни пари ќе плаќаат патарини

И во следниот период пратениците со државни пари ќе плаќаат патарини. Уставниот суд го одложи изјаснувањето за иницијативата на Левица која бара народните избраници од свој џеб да одвојуваат за патарина. Ќе се чека најпрво пратениците да изберат судии за комплетирање на уставен, па тој дури потоа да решава за укинување на надоместокот.

Двајца од петтемина судии на денешната седница побараа Уставен да ги укине бесплатните патарини за пратениците. Се сомневаат дека ја злоупотребувале привилегијата.

„Познати ни се состојбите за патните трошоци, апанажата и не само за пратениците, туку за сите функционери од власта. Има и кривични постапки, тоа е познато. Тие преминуваат во злоупотреба на функцијата“, изјави уставниот судија Осман Кадриу.

Според предлогот, плаќањето на патарините со пари од буџетот било спротивно на Законот за пратеници кој предвидел надоместок само за потрошено гориво и тоа, не повеќе од 20 отсто за литар.

Пред Уставен е оспорен и законот кој дозволува функционерите да земаат плата по престанок на функцијата. Струшки адвокат бара укинување на апанажата бидејќи смета дека така работниците и функционерите се во нерамноправна положба иако еднаквоста била загарантирана со Уставот.