Македонија
2. March 2022 - 16:34

Уставниот суд ќе одлучува по претставката за изборот на Џафери откако ќе биде оформен составот на судот

Претходниот мандат на собранискиот спикер Џафери заврши, а дури денеска Уставен разгледуваше дали изборот од 27 април бил спротивен на уставот. Речиси пет години, предметот бил во фиока кај судија, кој по неговото пензионирање во јануари годинава, бил предаден на негов колега. Сега, според судиите, бесмислено било да се оценува начинот на кој во 2017та се избрал претседател на собранието.

Осман Кадриу: 

„Поминати се сите разумни рокови. За иницијатива поднесена 2017та година, ние денеска треба да се произнесуваме, скоро после пет години“.

Вангелина Маркудова:

„Ова е безпредметна иницијатива, се однесува на период кој е завршен“.

Добрила Кацарска:

„Ова е одлука која не е во правна сила. Иницијативата треба да се отфрли зашто се работи за конкретен акт, а не општ пропис“.

Дали изборот на Џафери бил законски, судот ќе одлучува по негово екипирање. На денешното гласање го немало потребното мнозинство, па предлогот, Уставен да се прогласи за ненадлежен, ќе ги чека гласовите на уставните судии кои треба да ги избере собранието.

Иницијативата за преиспитување на уставноста на изборот на Џафери е поднесена од Светскиот македонски конгрес, Борис Дамовски и Богдан Илиевски кои беа амнестирани за случувањата од 27 април.