Мицкоски со силни критики за економските политики, власта задоволна од мерките
Економските политики на власта се катастрофални и ја туркаат државата кон дното, смета претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Од лидер во регионот, вели Мицкоски, сега земјата има двоцифрена инфлација, најниско БДП и најголем дефицит.
-„Ако е успех и ако е резултат еконмската политика на СДСМ која нас убедливо не закопа на последното место во регионот според растот на БДП, тогаш, јас таква политика не оправдуам и таков успех не прифаќам. За жал, денес поради овие т.н политики на економскиот тим на СДСМ и ДУИ, Македонија за жал и во 2021 година е последна според растот на БДП во регионот споредена со државите како што се албанија, Србија, Бугарија, Косово, Црна Гора“.
Ниту новото задолжување со 600 милиони евра кое го најави Владата, според Мицкоски, нема да помогне во намалување на сиромаштијата. Вели, стандардот на граѓаните може го подобрат економските мерки понудени од ВМРО-ДПМНЕ, ама тие ги одбила власта. Владата не прифатила зголемување на пензиите за 20 отсто и намалување на акцизата за горивата.
-„Изминативе три и пол години, власта на пензионерите им одзема 20 проценти од нивните пензии, затоа ние побаравме да имаме зголемување на пензиите од 20тина проценти, практично на луѓево да им го вратат тоа што го украдоа, што го потрошија. Видете, има политичари кои голтари влегуваат во политика, а излегуваат милионери, милјардери, отвараат фондации“.
Од опозициската партија велат дека поради руско-украинскиот конфликт засега не се планирани протести за смена на власта, бидејќи како што вели Мицкоски, имале сознанија дека протестите може да бидат искористени за создавање немири.
-„И таа опција не е исклучена, но нашите внатрешни анализи велат дека во овој момент можни се инфилтрирања на било какви герила акции кои што ќе ги компромитираат и контаминираат чистите народни изливи на негативно народно расположени кон оваа корумпирана и неспосбна власт“.
Според СДСМ, економските мерки на Владата се ефективни. Го штителе буџетот на граѓаните.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
