Loading Video...
Македонија
25. March 2022 - 16:45

Тупанчевски, Фетаи и Нанев не откриваат кој го организирал и платил нивното навивање во Палермо - Антикорупциска бара да објават

Меѓу стотиците македонски навивачи на фудбалскиот натпревар Италија – Македонија, на трибините на стадионот во Палермо беа и Министерот за правда Тупанчевски, вишата јавна обвинителка Фетаи и Претседателот на Кавадаречкиот суд Нанев.

Нивното присуство во вип ложата го овековечи режисерот на телевизискиот пренос само миг по голот на македонската репрезентација. Тројцата, со знаме во рацете и на нозе, го славеа успехот на фудбалскиот тим, но непознато е на чиј трошок патувале во Палермо. На пораките на Сител, не одговорија Тупанчевски, Нанев и Фетаи.

Откако тв преносот го откри нивното присуство се огласи антикорупциска од каде велат дека како именувани функционери треба да кажат кој го финансирал патувањето до Италија.

-„Доколку службените лица не патувале во рамки на своите службени должности, сами нека си објават кој им ги подмирил трошоците за патување“, вели претседателката на антикорупциска Билјана Ивановска.

Нема информации ниту дали тројцата службеници своето отсуство го регулирале со денови од одмор за патувањето во Италија.

Според видео снимките и фотографиите, Тупанчевски, Фетаи и Нанев се единствените функционери кои во живо го следеле натпреварот. Премиерот и министрите за надворешни и евроинтеграции кои вчера беа дел од НАТО самитот, со фотографија покажаа дека настапот на македонската репрезентација го следеле во канцелариите на Брисел. 

На фејсбук Ковачевски го честиташе успехот на фудбалерите за кои напиша дека се херои, а победата била резултат на труд и љубов кон националниот дрес.