Македонија
6. April 2022 - 16:40

Емотивно судско рочиште за сообраќајката кај „Сити мол“ - Возачот призна вина и рече дека посакува да е на местото на загинатата девојка

Со наведната глава и насолзени очи седна на обвинтелното столче младиот возач кој ја прегази 24 годишната девојка кај Сити Мол. 

Чувствувал вина за трагедијата, се покаја за стореното и рече дека да можел, би го заменил местото со девојката која ја прегази.

„Изразувам сочувство до семејството на покојната. Од тој ден немам ниту миг раат, многу сум вознемирен, камо да можев да сменам нешто тој ден. Доколку би можел, радо би го заменил местото“, говореше низ созли 22 годишниот Јордан Ѓорѓиев. 

Зборовите на возачот низ плач ги слушаа родителите на починатата Викторија. Неговиот исказ со насолзени очи го следеше и партнерот на младата радовишанка. За нивните адвокати, каењето и признанието на Јован, биле само обид за пониска казна. Велат, сочуство можел да изрази и во изминатите два и пол месеци ама не го сторил тоа.

Одбраната на 22 годишниот возач пак тврди дека од трагедијата до денес, Јован минувал низ тежок период, а за тоа сведочеле и медицинските извештаи на психијатрите. Неспорно било дека е изгубен млад живот, ама несреќата не е помало зло ниту за Јордан, смета неговиот адвокат.

Во понеделник судот ќе ја објави пресудата за возачот кој според обвинението, со умисла ја предизвикал сообраќајката. Адвокатите побараа казна која ќе делува превентивно за сите учесници во сообраќајот.

Во јанури годинава се случи трагедијата на пешачки премин во која животот го загуби 24 годишната радовишанка Викторија Николова. Во неа со автомобил удри 22 годишниот Јордан кој возилото го управувал со брзина од над 67 километри на час, а како што се наведува во обвинението, не обрнал внимание ниту на трепкавото жолто светло на семафорот.