Македонија
7. April 2022 - 16:33

Пресуда за „Меѓународен сојуз“: 9 години затвор за Бојан Јовановски, ослободителна за Ременски

Девет години затвор доби Бојан Јовановски за случајот „Меѓународен сојуз“. Според судот, сите докази покажале дека Боки 13 измамил двајца бизнисмени и од нив зел 1 милион евра. Парите наместо за изградба на старечки дом, според судот, завршиле на сметките на Јовановски, а во тоа му помогнала неговата соработничка во невладината, Јасна Мандиќ. Таа доби четири години затвор.

Поранешната потпретседателка на собранието Фросина Ременски која одговараше дека со своетот влијание како претставник на власта помогнала бизнисмените да го одврзат ќесето, судот ја ослободи од обвинение. Таа не ја знаела намерата на Јовановски, тврди судот.

За обвинителството пак нема дилема дека Ременски имала своја улога во планот на Боки 13. Единствено за неа обвинителството најави жалба.

Жалба најави и одбраната на Јовановски. Затворската казна била резултат на компромис со политиката и лично непријателство на судијата.

Незадоволен од пресудата е и таткото на Јовановски кој доби условна казна.

На затвор од една година е осудена и асистентката на Јовановски. Заедно со останатите четворица обвинети одговараше за измама и перење пари. Казна заработи и невладината „Меѓународен сојуз“ која ќе треба да плати 1 милион денари.