Зеќири во притвор, одбраната најавува жалба на одлуката
30 дена притвор одреди судот за Мухамед Зекири кој е осомничен дека како генерелен секретар на владата ја злоупотребил положбата. Според одлуката на судијата на претходна постапка, притворот бил одреден поради опасност дека Зекири може да избега, да влијае врз сведоци или да уништи докази.
Осомничениот Зекири синоќа пред полноќ беше префрлен во истражниот затвор во Шутка. Неговиот адвокат, Александар Трајковски, во телефонски разговор за Сител, рече дека се жалат на одлуката и бараат притворот да биде заменет со поблаги мерки за обезбедување.
„Бараме да се укине мерката притвор и истата да се замени со поблага мерка предвидена согласно Законот за кривична постапка. Решението донесено по сите три основи, член 165 од ЗКИ и на сите три основи ние поднесуваме жалба и сметаме дека истите се неосновани“, изјави Александар Трајковски, адвокат.
Според аналитичарите, обелоденувањето на кривични дела сторени од владини функционери, ја зголемува довербата во правосудството, ама ја намалува кај институциите. Нивниот пример бил основа за намалување на корупцијата во државата.
„Не може да се бориме против корупцијата само со бивши функционери. Прво и начелно, најбитно е да се бориме со тие кои ја имаат власта и кои имаат можност да ја злоупотребат нивната положба“, вели Сефер Селими, аналитичар.
Според Селими, јавноста не би била сведок на кривични дела извршени од функционери, ако тие работат чесно и одговорно. Вели, има илјадници работни позиции од кои зависи трошењето на народните пари.
„Има директори, секретари, луѓе кои имаат пристап до јавните пари. Луѓе кои имаат пристап до позиции на моќ, позиции на услуги, кои секојдневно се злоупотребуваат. Борбата против корупцијата треба да се насочува кон тие јавни институции, кон тие јавни функционери кои ја злоупотребуваат нивната функција“, вели Селими.
Мухамед Зекири е втор владин секретар за кој се води постапка за злоупотреба на положбата.. Неговиот претходник Рашковски, е обвинет дека го оштетил државниот буџет за околу 300 илјади евра со кривични дела кои ги реализирал од 2017та се до февруари 2021 прва.
Според истрагата на обвинителството, по само еден месец, односот во април 2021, била откриена нова злоупотреба на народната каса, но тогаш со потпис од новиот владин секретар Зекири. Осомничен е дека со склучување договор во четири очи за консултантски услуги, буџетот на државата го оштетил за над 900 илјади евра.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
