Македонија
10. April 2022 - 21:16

Анализа: Законите, судството, ниските казни... - што е причина за корупција во врвот на секоја власт?

Десетици функционери во изминатите три децении независност на државата паднале на испитот за чесно работење. Во време на своето управување ја злоупотребиле службената положба па завршиле како обвинети или осудени. Причината да се посегне по народните пари, според експертите е чувството на моќ, а честопати, на функцијата се гледа и како можност за екстра заработка.

„Мислам дека власта е примамлива за поголем дел од политичарите. Кај нас, политичарите некогаш влегуваат во политика за бизнис, а не за идеологија или за потреба да им помогнат на граѓаните и со тек на време власта, условно да кажеме им дава илузија дека се недопирливи“, вели политичкиот аналитичар, Петар Арсовски.

Личните, наместо државните интереси и правниците ги посочуваат како мотив за впуштање во криминални постапки. Дополнителен поттик гледаат во непримената на законите кои го санкционираат коруптивното однесување.

„Милијарда пати е кажано дека ние во принцип и немаме лоши закони, но нивната примена потфрлува. Во таа смисла, ние немаме политичка култура, односно, во наводници, нашите професионални политичари, ја гледаат политиката како средство за лично обогатување, а не како исполнување на одредени идеолошки цели“, вели Адвокат, Јанаки Митровски.

Охрабрување за злоупотреби, правната фела, гледа и во неславната пракса според која законите имаат различна примена кога ги засегаат државните функционери.

„Ниска е довербата во правосудството и владеењето на правото. И вака и така не веруваат дека за политичарите важат, условно кажано, истите правила како и за обичните граѓани. Обичните граѓани не можат да се извадат од казна за паркирање, а политичарите за некои дела за кои се обвинети, се влечат со години и никогаш, никогаш не добиваат казни“, вели Арсовски.

„Казните кои се пропишани, нив ниту им ги изрекуваат во правосилна постапка, така што во тој степен, нашите функционери се чувствуваат доволно комотно, односно кога ќе си пресметаат кој е нивниот ризик и добивка, секогаш преовладува добивката“, вели Митровски.

Правниците и политичките аналитиачари, согласни се дека за намалување на коруптивните случаи, државните службеници својата функција не треба да ја гледаат како шанса за исполнување на личните интереси.