Македонија
19. April 2022 - 21:12

Анализа: Како е дозволено формирањето на клубот „Ванчо Михајлов“ кога Уставен во 2001 го укина здружението „Радко“

Уставниот суд пред две децении укина здружение кое го величи ликот и делото на Ванчо Михајлов.

Регистрирано со неговиот надимак, Радко, уставен ја поништи програмата за работа на здружението бидејќи неговата работа била насочена кон уривање на државниот поредок, негирање на македонскиот народ и разгорување на национална нетрпеливост.

За поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски, регистрацијата и на новиот бугарскиот клуб во Битола со името на истата спорна личност, е непочитување на судска пракса.

„Сега се бара кој е кривецот, Централниот регистар наведува дека тоа никој не го оспорувал, други дека не е поведена постапка. Мислам дека е тоа е еден несериозен приод на законодавната и на извршната и на судската власт и дека се допушта едно повампирување  на фашизмот“.

„Сето ова што се случува, а органите не ги превземаат дејствијата, било тоа да е законодавните или извршните органи, ако не ги превземаат тие дејствија, тие стануваат соучесници во едно такво повампирување на фашизмот“, вели Трендафил Ивановски, Поранешен Уставен судија.

Бројните реакции на јавноста, според професорот по уставно право, Владо Камбовски, треба да се аларм за обвинителството. Видливо било дека отворањето на бугарскиот клуб предизвикува националната нетпреливост и омраза.

„Јавниот обвинител може да покрене постапка пред судот за биршење на тоа име. Значи постојат правни  основи. Правниот основ во овој конкретен случај е клучен. Ние сме држава која треба стриктно да ги применува законите и да го обезбедува правниот поредок и јавниот ред“, изјави Владо Камбовски, Професор по уставно право. 

И покрај непрецизноста на законот за Здруженија и фондации, регистирањето на клубот Ванчо Михајлов, можело да се спречи, смета универзитетскиот професор Темелко Ристески. Вели во поширокот толкување на законот било наведено дека е забранета регистрација на здружение кое предизвикува нетрпеливост.

„Се работи за една организација во конкретниов случај, клуб кој што со самото негово име укажува на фактот дека нема да шири нешто што е вредност во нашето општество, туку нешто што не е вреднос, нешто што асоцира на зло“, изјави Темелко Ристески, Професор по уставно право.

Инаку, екс уставниот судија Ивановски вели, дека Уставниот суд може самоиницијативно да отвори предмет за работењето на бугарскиот клуб.

Извори од Уставен, пак за Сител велат дека ако се оценува уставноста на бугарскиот клуб, ќе се ценат не само името, туку и статутот, програмата и делувањето на здружението. Ќе се има предвид и судската пракса и пресудата в Стразбур во оценката дали има повреда на правата на граѓаните. Но, отсуството на листа со личности кои не се во согласност со уставот, како што вели министерството за правда не е пречка да се процени повреда на Уставот дури со самото име, велат нашите извори.