По една година вакцинирање, вакцинирани со две дози само 46 проценти од граѓаните
Година дена од почетокот на масовната вакцинација против Ковид во Македонија ниту половина од населението не е вакцинирано. Според податоците од Институтот за јавно здравје досега две дози вакцини примиле 46,5 отсто од граѓаните, а со бустер се вакцинирале помалку од 10 отсто односно околу 158.000 (157.676) полнолетни лица.
За зголемување на опфатот не помогнаа ниту теренската вакцинација, ниту повикувањето на граѓаните преку СМС пораки.
Во прилог за зголемување на процентот на вакцинација не оди ниту укинувањето на Ковид сертификатите за патување во многу држави. Од денеска нема потреба од вакцина ниту ПЦР за да се влезе во Македонија.
Министерот Беким Сали признава дека со намалување на бројот на новозаразени опаднал и интересот за вакцинација.
Според статистиката на ИЈЗ досега како прележани во системот се евидентирани близу 300.000 лица, од нив 12.200 два пати биле заразени, а битката со вирусот ја загубија 9.265 граѓани.
Изминатите 2 години во државата направени се 2 милиони тестирања за Ковид, од кои најголемиот дел во приватните лаборатории за што граѓаните платиле над 30 милиони евра.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
