Апели да се внимава на исхраната по велигденските пости, посебно за тие што скоро прележале ковид
Покрај граѓаните кои 40-тина дена постеле, и лицата кои на почетокот на годината прележале Ковид, да не претеруваат со мрсната храна, јајцата и алкохолот за да немаат проблеми со желудникот, жолчката, панкреасот и црниот дроб, советува доктор Нико Беќаровски од Клиника за токсикологија.
-Сите тие кои прележаа Ковид посебно тие кои имаа малку посериозна клиничка слика треба да сватат дека на организмот му требаат 3 -6 месеци потполно да се опорави и посебно да бидат повоздржани овие празници. Стресот кој е од самиот Ковид може да им наштети. Често се случува луѓе да дојдат на Клиниката и да викаат дека порано без проблем можеле да испијат 700 милилитри вино и да викаат сега со 1 чаша сме пијани. Луѓе многу често завршуваат со гастроентероколитис, вели проф. д-р Нико Беќаровски, од Клиниката за токсикологија.
Доктор Беќаровски предупредува и на внимателност со консумирањето на велигденските јајца. Освен количински, да не се јадат и долго време откако ќе бидат подготвени за да не дојде до труење.
-Обично ние по градските средини ги купуваме по маркетите каде подолго време стоеле и голем дел од нив се на самиот крај од периодот на користење. Сварено јајце може да издржи, но со оглед што веќе се работи за јајце кое долго стоело надвор се препорачува да се изеде во првите 2-3 дена и потоа да се фрли тоа што ќе остане, вели проф. д-р Беќаровски.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
