Штрајкот во образованието оди во мирување, наставниците почнуваат со работа од утре
Учениците утре се враќаат во училишните клупи, а штрајкот на наставниците оди во мирување. Преговорите меѓу СОНК и Владата ќе продолжат преку законот за мирно решавање на работни спорови. Тоа го побарало Министерството за труд и социјала, официјално преку писмо, па првиот синдикалец тврди дека Законот наложува ваквото барање да се прифати и да се даде шанса на помирувањето.
Но СОНК предупредува дека ако не се постигне договор за време на овој процес, штрајкот повторно ќе се активира.
„Ние сме убедени дека во наредниот период, во периодот на помирување ќе ги најдеме соодветните заеднички решенија онамку каде што застанавме во преговорите и дека нема да има потреба да го активираме штрајкот. Убедени сме дека платите ќе бидат зголемени толку колку што бараме, колку што се можностите, дневниците за време на штрајкот дека нема да бидат скратени“, изјави Јаким Неделков, Претседател на СОНК.
20 дена е рокот во кој владата и СОНК ќе треба преку посредник на Министерството за труд и социјала да постигнат договор за барањата на наставниците. Првите резултати од помирувањето, Неделков ги очекува за 10тина дена.
„Сега, кој како сака може да толкува, дали е ова купување на време или е можеби вистинскиот механизам за надминување на состојбите, навистина не знам. Меѓутоа, животот не учи на се, па и на вакво мирно решавање на спорови да биде практика. Можеби е ова и задоцнето, можеби можело и пред штрајкот да се примени оваа опција. Ова е едно животно искуство за нас синдикалците кои што Власта, од аспект на власт, веројатно и повеќе ги знае законите, па така го искористи ова право за решавање на спорот“, вели Неделков, Претседател на СОНК.
Министерството за образование и наука, ја поздрави одлуката на СОНК за мирување на штрајкот. Велат тоа било во интерес на учениците и континуитет на процесот на обрзазование.
Тргнувајќи од итноста за заштита на јавниот интерес на граѓаните, правото на образование и последиците кои можат да настанат во случај кога овој процес е прекинат, а воедно земајќи ги предвид и барањата на СОНК, Министерството за образование и наука постапи согласно Законот за мирно решавање на работните спорови и во текот на денешниот ден упати барање до Министерството за труд и социјална политика за одредување на помирувач во овој процес. Со оваа одлука, Министерството за образование и наука ја искажува спремноста за продолжување на процесот на преговори со социјалните партнери и изнаоѓање на најдоброто решение за сите во овој случај.
Со Предложеното помирување, СОНК го откажа и протестот најавен за идната недела. Во изминатите три недели штрајк, наставнците бараа нивните плати да пораснат за 18 проценти.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
