Има ли државата механизми како да воспостави ред со поставувањето споменици?
Државата да ги преземе сите свои надлежности за градење на споменици, затоа што во Македонија тоа е чувствителна тема, предупредуваат историчарите. Велат, спомен обележјето посветено на борците на УЧК е резултат на немањето програма за меморијални споменици која треба да ја носи собранието.
„Не може дива лига, кој како ќе му текне да гради споменици во Македонија и тоа после никој да не го санкционира. Политичарите со самото тоа што присуствуваат на тие настани, му даваат легитимација. Значи тој повеќе не може да се чепне“, вели Тодор Чепреганов, историчар.
Министерот за надворешни кој вчера беше дел од делегацијата за откривање на споменикот, уверува дека при подигнување на спомен кулата, локалната власт ги почитувала законите.
„Според моите информации ги има запазено сите формални процедури за изградба на споменик во општината. Со одлука на советот, со сите понатамошни одлуки за споменик, кој што е во рамки на локалната власт“, изјави Бујар Османи, Министер за надворешни работи.
Историчарите пак сметаат дека општините може само да иницираат подигнување на споменик, но крајниот збор, треба да го има Собранието.
„Локалната самоуправа може да има идеја тоа нешто да се направи , меѓутоа мора да добие дозвола од државата. Органите државни кои треба тоа да го прават, за жал не го прават. Не преземаат мерки да го регулираат тоа како што треба. Сега посфестум се почнува со тоа кој, што, како направил или не“, вели Чепреганов.
Од опозициската партија, велат дека, власта втор ден молчи, за како што велат, партиската забава на ДУИ во Липково.
„Овој настан е уште еден доказ дека вистинската титула за СДСМ е само чирак, односно помошник, бидејќи повеќе од очигледно е дека ДУИ е вистинскиот шеф во Владата на Република Македонија“, изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија пак велат дека во првите 100 дена мандат, владата успешно менаџирала со сите предизвици.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
